Македонија Бејли и Орав ја смируваат ситуацијата на средби со граѓанските организации

Бејли и Орав ја смируваат ситуацијата на средби со граѓанските организации

Амбасадорите на САД и на ЕУ, Џес Бејли и Аиво Орав, деновиве имаат средби со претставници на граѓанските организации, дознава „Мета“ од дипломатски извори.

Средбите, како што наведува изворот, имаат цел да ја смират ситуацијата во земјата, која ескалира по одлуката на претседателот Ѓорге Иванов да ги сопре судските процеси против политичарите и нивните соработници.

Амбасадорите, на средбите исто така сакаат да ги сослушаат граѓанските организации, а нивните ставови и барања ќе бидат пренесени на лидерската средба што в петок ќе се одржи во Виена.

Делегацијата на ЕУ во Скопје до македонските политички партии веќе испрати покани во име на еврокомесарот Јоханес Хан и на европратениците Иво Вајгл, Едвард Кукан и Ричард Ховит, за лидерска средба во Виена, на која ќе се разговара за спас на Договорот од Пржино.

Портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчич, денеска соопшти дека виенската средба нема цел да постави некој нов договор туку да обезбеди имплементирање на постојниот Договор од Пржино, како и на реформските приоритети.