Свет Балкан Бегалци сечат вени поради одбиени барања за азил

Бегалци сечат вени поради одбиени барања за азил

Негативните одговори на бегалските барања за азил во Грција создаваат нови проблеми и тензии во бегалските кампови на островите. Младо момче од Авганистан вчера предизвика вознемиреност во бегалскиот центар на Хиос откако ги пресече вените гневен на одлуката да му биде одбиено барањето за азил во Грција.

Локалниот информативен портал „Политикиос“ (Politischios.gr) пренесува дека вработените во службата за азил на островот коментираат оти како што почнуваат да се делат одбиените барања за азил, сè повеќе се зголемуваат тензијата, гневот и вознемиреноста кај бегалците. Од службата за азил изразиле загриженост дека ваквите реакции може да доведат до нови судири и проблеми, поради што и стравуваат за нивната безбедност. Вработените реагираат дека ниту има некаква контрола во камповите, ниту безбедносни камери и ако дојде до некаков инцидент, нема да има кој да ги заштити.

Поради ова утринава група вработени во службата за азил одржаа мирен протест на влезот на бегалскиот центар, со барање да се зголеми полициското присуство за да се осигури и нивната, но и безбедноста на бегалците во кампот.

На Хиос има 3.730 бегалци, иако капацитетот на бегалскиот центар на островот е за 1.100 луѓе. Во цела Грција има повеќе од 60.500 бегалци.

Барањата за азил во Грција беа дел до обидите на бегалците и на мигрантите да избегнат враќање во Турција според договорот меѓу Брисел и Анкара, со кој сите пристигнати по 20 март на грчките острови ќе бидат вратени на турско тло. Оваа тема, заедно со релокацијата на бегалците во другите европски држави, сè уште е еден од клучните проблеми на Грција. Поради отпорот на бегалците од почетокот на договорот меѓу ЕУ и Турција, досега се вратени само 578 лица.