Подглавна секција Бајден најави нови санкции против Русија на двегодишнината од војната во Украина

Бајден најави нови санкции против Русија на двегодишнината од војната во Украина

Преку мерките САД се обидуваат да ја повикаат Русија на одговорност за војната и смртта на опозицискиот лидер Алексеј Навални, рече Бајден

Gage Skidmore from Peoria, AZ, United States of America, CC BY-SA 2.0 , via Wikimedia Commons

Американскиот претседател Џо Бајден објави дека Вашингтон ќе воведе повеќе од 500 нови санкции против Русија. САД се обидуваат да го зголемат притисокот врз Москва во пресрет на втората годишнина од нејзината инвазија во Украина, пишува Ројтерс.

Соединетите Држави, исто така, ќе воведат нови извозни ограничувања за речиси 100 субјекти кои даваат поддршка на Русија и ќе преземат активности за дополнително намалување на приходите на Русија од енергијата, рече Бајден.

Преку мерките САД се обидуваат да ја повикаат Русија на одговорност за војната и смртта на опозицискиот лидер Алексеј Навални, рече Бајден, додека Вашингтон се чини дека ќе продолжи да ја поддржува Украина, која се соочува со сериозен недостиг на муниција, а американската воена помош со месеци се одложува во Конгресот.

„Тие ќе обезбедат Путин да плати уште повисока цена за неговата агресија во странство и репресијата дома“, рече Бајден во однос на санкциите.

Мерките од петок ќе бидат насочени кон лица поврзани со затворањето на Навални, како и рускиот финансиски сектор, одбранбената индустриска база, мрежите за јавни набавки и избегнувачите на санкциите против Русија на повеќе континенти, рече тој.

Санкциите се најнови од илјадниците цели што ги објавија САД и нивните сојузници по руската инвазија на Украина на 24 февруари 2022 година, во која беа убиени десетици илјади луѓе и уништени многу градови.