Економија Азески: Сè додека има мито и корупција, нема олеснување на трговијата

Азески: Сè додека има мито и корупција, нема олеснување на трговијата

„Олеснување на трговијата нема да има сè додека не се елиминираат митото и корупцијата. Институциите мора да се заложат за откривање на причините на ваквата појава и за нејзино целосно искоренување“, истакна претседателот на Стопанска комора, Бранко Азески, на регионалната конференција „Поедноставување и хармонизација на царинските постапки во регионот“, која денеска се одржа во Скопје.

Во таа насока се и четирите барања што ги испорача денеска Стопанската комора на Македонија за поедноставување на царинските постапки. Станува збор за поширока примена на поедноставните царински постапки од страна на бизнис-заедницата на ниво на регионот, заживување на електронското, наспроти хартиеното работење во трговијата, користење на добивките од новиот компјутеризиран транзитен систем, како и поголема соработка со комитетот за олеснување на трговијата во рамките на ЦЕФТА.

Според министерот за економија, Дритон Кучи, Македонија има усогласена царинска законска регулатива со царинските прописи во Европската Унија и е меѓу првите членки на Светската трговска организација што ја ратификуваше Спогодбата за олеснување на трговијата.