Економија Азески: Балканот да покаже дека може подобро, договорот ЦЕФТА е најголемо промашување

Азески: Балканот да покаже дека може подобро, договорот ЦЕФТА е најголемо промашување

Не смее да се дозволи политичките спорови да влијаат врз бизнисот во Западен Балкан е пораката пренесена од претставниците на Коморскиот инвестициски форум, на Копаоник бизнис-форум 2019 што се одржува од 3 до 6 март.

На панел-дискусијата на тема „Западен Балкан-Регионална економска област“ беше истакнато дека регионалната економска соработка е неопходна за да можат компаниите од Западен Балкан да бидат поконкурентни на пазарот и да се приближат кон Европската унија. Бизнисот е клучот за решавање на проблемите на Балканот.

– За да се елиминираат сите недостатоци кои се јавуваат во трговијата, сега е вистинското време да се повлечат мудри потези поткрепени со силна поддршка од Европската унија и од другите релевантни меѓународни чинители во насока на интензивирање на регионалната интеграција и трговска соработка, со што ќе се обезбеди економски просперитет за сите земји. Затоа, неопходни се политички консензус и волја кај сите чинители во регионот за придвижување на овој процес, како и директна поддршка од ЕУ, која е вклучена во интеграцискиот процес и го гледа регионот како просперитетен иден политички и економски партнер на Унијата. ЦЕФТА-Договорот е најголемо регионално промашување, a нетарифните бариери – најголем срам за нас. Ајде да покажеме дека можеме и поинаку и подобро, – истакна претседателот Бранко Азески пред учесниците на „Копаоник бизнис форумот“.

Тој додаде дека корупцијата останува доста застапена во многу области и продолжува да биде сериозен проблем и кочничар на економскиот раст.

– Сигурно дека дигитализацијата на јавната администрација е еден од клучните процеси кои ќе влијаат на ефикасноста и професионалноста на јавната администрација, а со тоа и на намалувањето на корупцијата, но потребни се радикални и усогласени заеднички чекори на овој план заради решавање на овој, ако можам да го наречам, голем регионален проблем – нагласи Азески.

„Копаоник бизнис форумот“, што се одржува од 3 до 6 март деновиве е епицентар на економските случувања на Балканот. На едно место, повеќе од 1.500 учесници, вклучувајќи истакнати професори, државни претставници, членови на дипломатскиот кор, стопанственици, домашни и странски инвеститори, како и претставници на меѓународни финансиски организации, дискутираат за најзначајните економски прашања во регионот.