Свет Балкан Автоматско признавање на дипломите во Западен Балкан е се поблиску

Автоматско признавање на дипломите во Западен Балкан е се поблиску

Министрите за образование од земјите на Западен Балкан, меѓу кои и од Македонија, ги поддржаа клучните принципи за автоматско признавање на академските квалификации во регионот, соопшти Регионалниот совет за соработка (РСС).

Овој напредок е направен на 7. министерски состанок на Платформата за образование и обука, за истражување и иновации, што беше организиран денеска во Брисел под покровителство на Европската комисија.

Станува збор за принципи кои се надградени врз основа на она што претходно го сработија Работната група на РСС и Иницијативата за реформи во образованието на Југоисточна Европа – ERI SEE, за признавање на квалификациите на Западен Балкан, што беше потенцирано и од генералниот секретар на РСС Горан Свилановиќ.

Принципите што беа поддржани од министрите, меѓу кои и од министерот за образование на Република Македонија Арбер Адеми, сочинуваат модел на автоматско признавање на академските квалификации, вклучувајќи транспарентни и фер процедури согласно со Лисабонската конвенција за признавање.