Свет Европа Австрија како иден претседавач со ОБСЕ ќе бара дијалог со Русија, порача...

Австрија како иден претседавач со ОБСЕ ќе бара дијалог со Русија, порача Курц

Австрија следната година, како претседавач со ОБСЕ, ќе бара дијалог со Русија, која со кризата во Украина го прекрши меѓународното право, порача денеска на министерскиот состанок на земјите членки на ОБСЕ, шефот на австриската дипломатија, Себастијан Курц.

– И покрај сите црвени линии кои се пречекорени, неопходно е да ѝ се пристапи на Русија, затоа што сè друго нема да води кон позитивен развој – оцени Курц, кој на самитот во Хамбург ја презема раководната палка со Организацијата за стабилност и безбедност на Европа.

Според Курц, ОБСЕ во изминатиот период добила поголемо значење и тоа под ташки околности. Тој оцени дека стабилоста и безбедноста, кои со години се сметало дека се „од Господ подарени“, веќе не постојат.

Шефот на австриската дипломатија оцени дека конфликтот во Украина покажал дека е можно и во Европа да избувнат воени судири. Тој рече дека како претседавач со ОБСЕ ќе се обиде конфликтите, како оној во Украина, да не станат уште подраматични и пострашни. Тој не ја исклучи можноста за проширување на мандатот и на ангажманот на ОБСЕ во Украина.

Тој оцени дека конфликтите како украинскиот, како и санкциите кон Русија, придонесуваат за миграција и други предизвици. Затоа, како што рече, ќе се заложи за градење мостови и за враќање на довербата меѓу државите, а не за градење блокови, кои наместо да останат во историјата, повторно стануваат актуелни.

Австрија, за време на своето претседателство, ќе се посвети и на борбата против радикализацијата, особено затоа што, како што рече Курц, сите 57 земји членки мора да бидат единствени во борбата против тероризмот.

Курц рече дека на просторот на ОБСЕ се наоѓаат повеќе од 10.000 лица кои се приклучиле кон терористите од Исламска држава и оти тие лица претставуваат ризик за сите, особено кога ќе се вратат во матичните земји.