Свет Европа Австрија и Германија очекуваат илјадници нови бегалци

Австрија и Германија очекуваат илјадници нови бегалци

Речиси 10.000 мигранти во изминатите 24 до 48 часа ја минале австриската граница, соопштиле властите на земјата, откако Будимпешта одлучи да ја крене блокадата и да им овозможи на бегалците да заминат за Австрија.

Најголем дел од луѓето што пристигнале во Австрија својот пат веднаш го продолжиле кон Минхен, на југот на Германија, каде биле дочекани со аплаузи од локалните жители, кои им делеле слатки и бомбони на децата што биле меѓу мигрантите.

Според полицијата, околу 7.000 лица вчера пристигнале на станицата во Минхен, јавува „Би-Би-Си“.

Според информациите, Австрија и Германија очекуваат илјадници нови мигранти кои треба да пристигнат од Унгарија.

Во текот на вчерашниот ден, мигрантите, од кои најголем дел се сириски државјани, со автобуси, возови, а дел од нив и пеш стигнале до австриската граница, од каде биле префрлени до Виена, Минхен и до други германски градови.

Заради справување со големиот наплив, Австрија и Германија обезбедиле дополнителни возови. Како што пренесува „Би-Би-Си“, германската влада денеска треба да дискутира околу мигрантската криза.