Подглавна секција Судир на два авиона во Јапонија, петмина загинати

Судир на два авиона во Јапонија, петмина загинати

Сите 379 патници се евакуирани од комерцијалниот лет, додека пет од шесте патници на другиот авион од крајбрежната стража загинале

Фото: Меѓународниот аеродром Ханеда, во Токио. Project Kei, CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons

Комерцијален авион од „Џапан Ерлајнс“ се запалил на аеродромот Ханеда во Токио, известува „Скај њуз“. Сите 367 патници и 12 членови на екипажот биле успешно евакуирани. Aвионот се запалил при судир со авион од крајбрежната стража во кој имало шест патници. Пилотот успешно се евакуирал од авионот, но останатите пет патници загинале.

Според „Скај њуз“, авионот од крајбрежната стража се подготвувал да полета за да достави помош за граѓаните на западното крајбрежје во Јапонија, кое вчера беше погодено од катастрофален земјотрес со јачина од 7,6 степени според Рихтеровата скала.

Трогателни видеа од запалениот авион се ширеа по социјалните медиуми. Во едно од нив се гледа како авионот се прекршува на половина. Се шират и видеа снимени од патниците за време на слетувањето и евакуацијата.

Роџер Вајтфилд, поранешен пилот, за „Скај њуз“ изјави дека евакуацијата на авионот на „Џапан ерлајнс“ е неверојатна, имајќи предвид дека видливоста во авионот сигурно била „речиси нула“ поради сиот чад.

„Тоа што екипажот успешно го евакуирал авионот е повеќе од неверојатно. Едноставно е чудо“, вели Вајтфилд.