Култура Ави Авитал со концерт во Македонија

Ави Авитал со концерт во Македонија

На 24 март во Домот на АРМ, во 20 часот, ќе настапи светската музичка сензација Ави Авитал од Израел, како солист на мандолина, заедно со оркестарот на Македонската филхармонија на концертот насловен „Алхемија“. Под диригентска палка на Михал Нестерович од Полска, Авитал ќе изведе два концерти за мандолина и за оркестар од Јохан Хумел и од Антонио Вивалди.

Ави Авитал (1978) е роден во Израел, а мандолина почнува да учи на осум години, за наскоро да се приклучи на мандолинскиот младински оркестар основан од неговиот учител, рускиот виолинист Симка Натансон. Се запишува на Академијата за музика во Ерусалим, а потоа заминува во Италија, каде студира на Конзерваториумот „Чезаре Полини“ во Падова со Уго Орланди, за кого вели дека е вистинскиот професор по мандолина, од кого го научил оригиналниот репертоар за овој инструмент, наместо транскрипциите што дотогаш ги изведувал.