Свет Балкан Атина не постигна договор со кредиторите

Атина не постигна договор со кредиторите

Состанокот на министрите за финансии од еврозоната во Луксембург е завршен вечерва без да се постигне спогодба за грчката должничка криза, јавува британскиот весник „Гардијан“.

„На состанокот на еврогрупата не е постигнат договор. На Грција ѝ е испратен силен сигнал сериозно да се вклучи во преговорите, Еврогрупата е подготвена повторно да се сретне во секој момент“, напиша потпретседателот на Еврокомисијата задолжен за еврото, Валдис Домбровски, на „Твитер“.

Постојната програма на меѓународна помош за Грција истекува на 30 јуни, па денешниот состанок на министрите за финансии се сметал за последна шанса за постигнување договор за реформите со кредиторите, што е услов за добивање нова програма за помош.

Грчкиот министер за финансии, Јанис Варуфакис, отворено го покренал прашањето за реконструкција на големиот државен долг на состанокот, што е „црвена линија“ за европските партнери на Атина.

Шефот на еврогрупата и министер за финансии на Холандија, Јерун Дајселблум, изјави дека „јасно е оти топката е во гркчиот двор“, додавајќи дека е направен премал напредок и оти договорот не е ниту на повидок.