Свет Арапските земји испратија листа со барања до Катар, вклучувајќи и затворање на...

Арапските земји испратија листа со барања до Катар, вклучувајќи и затворање на „Ал Џезеира“

Четирите арапски држави кои воведоа санкции кон Катар поради наводна поддршка на тероризмот, ѝ испратиле на Доха 13 барања, вклучувајќи и затворање на телевизијата „Ал Џезеира“ и намалување на врските со Иран, изјавил официјален претставник на една од четирите држави.

Листата со барањата, како што пренесуваат светските агенции, ја составиле Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Египет и Бахреин.

Од Катар се бара и затворање на турската воена база во оваа земја и испорачување на сите терористи од нејзина територија.

Четирите држави ѝ дале на Доха рок од десет дена да ги исполни барањата.

Листата на раководството на Катар ја предал претставник на Кувајт, земјата посредничка во спорот меѓу земјите во овој регион. Од Катар претходно ги демантираа наводите дека поддржуваат терористички групи.