Дописници Апели на социјалните мрежи: Парите за Цеца, Северина и Чолиќ да се...

Апели на социјалните мрежи: Парите за Цеца, Северина и Чолиќ да се дадат на поплавените

Парите за Цеца, Северина и Здравко Чолиќ, кои треба да дојдат во Берово, Македонски Каменица и Штип, да се пренаменат за граѓаните од поплавените подрачја. Тоа ќе ја потврди општествената одговорност на општините, кои се организатори на манифестации, каде ќе настапат овие регионални ѕвезди. Ова се дел од ставовите и иницијативите, кои интензивно се вртат по социјалните мрежи.

Општината Штип денеска на прес-конференција најави дека главна ѕвезда на „Штипската пастрмалијада“ ќе биде Здравко Чолиќ. Медиумите веќе објавија дека Здравко во Штип ќе пее за 80.000 евра, меѓутоа од општината не потврдија. Тоа било информација за спонзорот, „Скопска пивара“, која ја носи ѕвездата во Штип. Во замена, овој спонзор добива ексклузивен простор со три големи штанда, веднаш до бината. Општината, сепак соопшти дека ќе издвои 1,2 милиони денари од својот буџет за целата манифестација на која ќе настапат уште петнаесетина други имиња.

На 27-ми август во Берово ќе пее хрватската ѕвезда Северина. Традиционално, ѕвездата на градскиот празник Света Богородица ја носи сопственикот на „Зегин“, Благој Механџиски, кој потекнува од овој крај. Никој не ја соопштува сумата за Северина.

Ден подоцна, во Македонска Каменица, на Денот на рударите, доаѓа турбофолк пејачката Светлана Ражнатовиќ – Цеца. Токму за Цеца се најголемите реакции, со барање „ако пејачката има совест, да го откаже настапот и да бара од општината парите да ги пренамени за поплавените“, се реакциите од социјалните мрежи.

Градоначалникот Дарко Митевски вели дека ова се пишувања од под клима и бара тие автори да излезат на терен во Стајковци и да помогнат, наместо да седат на Фејсбук.

– Општината веќе донираше 40.000 литри на вода, секојдневно се по 20 работници на терен и целата општинска механизација е ангажирана во поплавените подрачја. Ова се единствените три дена во годината, кога граѓаните на Македонска Каменица се домаќини на овој тип на забава и не сакаме тоа да им го скратиме поради повици од социјалните мрежи – рече Митевски.

Парите за главната ѕвезда ги обезбедува рудникот „Саса“. Во трите дена, колку ќе трае одбележувањето на Денот на рударите, Македонска Каменица очекува околу 40.000 гости.