Македонија Антикорупциска утврди судир на интереси кај Анѓушев, тој вели не го прекршил...

Антикорупциска утврди судир на интереси кај Анѓушев, тој вели не го прекршил законот

Антикорупциската комисија донесе иницијатива со која од премиерот Зоран Заев ќе бара да поведе постапка против вицепремиерот Кочо Анѓушев во однос на владината одлука да се намали цената на литиумските батерии за акумулатори. Како што пренесува „Радио Слободна Европа“, антикорупционерите во овој случај утврдиле судир на интереси, а за донесување на одлуката гласале мнозинството членови на комисијата.

Анѓушев во реакцијата до медиумите тврди дека не ги прекршил законските прописи. Тој нагласува дека не ги знае причините поради кои Антикорупциската комисија ја донела одлуката, потенцирајќи дека ќе даде коментар на одлуката откако на писмено ќе ја добие истата.

– Во конкретниот случај за намалување на царинските стапки за литиум-јонски батерии за акумулатори уште еднаш потврдувам дека во предметот имам доставено изјава со која се изземам од постапување и одлучување – потенцира вицепремиерот Анѓушев, во својата изјава доставена до медиумите од неговиот кабинет.

Анѓушев вели дека по предметите иницирани пред Антикорупциската комисија ги доставил сите побарани документи и податоци за да се утврди материјалната вистина.

Одлуката на антикорупционерите доаѓа откако анонимен доставувач поднел пријава против Анѓушев. Пријавата за судир на интереси доаѓа откако тој присуствувал на владината седница на која беше усвоена одлуката за намалување на акцизата за литиумските батерии од 15 на 0 отсто.