Македонија Анкета на ИРИ: Вести најмногу се гледаат на „Сител“, „Алсат-М“, ТВ 24,...

Анкета на ИРИ: Вести најмногу се гледаат на „Сител“, „Алсат-М“, ТВ 24, „Телма“ и на „Канал 5“

Големо мнозинство од македонските граѓани за политичките случувања во земјава се информираат преку телевизија, а најмалку преку радиото како медиуми, покажува последната анкета на Меѓународниот републикански институт (ИРИ), спроведена од 4 до 21 август оваа година.

Телевизијата како главен извор за политички вести ја посочиле 85 отсто од граѓаните, 39 проценти рекле дека за политичките случувања се информираат преку интернет и порталите, 27 отсто од пријателите, 6 0тсто преку печатените медиуми и по 4 отсто вестите ги добиваат преку радијата и политичките партии.

Според анкетата, најголем дел од граѓаните, односно 20 отсто од нив рекле дека политички вести гледаат на „Сител“, 16 отсто се изјасниле за „Алсат М“, трета е „Телевизија 24“ за која се одлучиле 13 отсто од испитаниците, 12 отсто гледаат политички вести на „Телма“, 11 отсто на „Канал 5“, 9 отсто на МТВ (на македонски јазик), 3 отсто на МТВ (на албански јазик) и по 1 отсто се изјасниле за „ТВ 21“, „Шења“и за „Алфа“. Девет отсто од испитаниците рекле дека не гледаат телевизија.

Инаку, забележлив е падот во процентот граѓани кои политичките случувања ги следат преку печатените медиуми, кој е двојно помал во споредба со резултатот од анкетата на ИРИ од ноември минатата година. Овој пад соодветствува со згаснувањето на дневните весници во издание на „Медиа принт Македонија“.

Истовремено, за 7 отсто е зголемен бројот на граѓани кои за политиката се информираат преку интернет, споредно со анкетата од ноември лани.