Свет Балкан Анкара забрани јавни собири и маршеви поради опасност од напади

Анкара забрани јавни собири и маршеви поради опасност од напади

Локалните власти во турската престолнина Анкара воведоа забрана за јавни собири и за маршеви до крајот на ноември годинава, јавуваат светските агенции. Ваквата одлука следува по добиени безбедносни информации дека екстремисти планираат напади во градот, кој веќе беше цел на неколку бомбашки напади во текот на минатата година.

Забраната, како што пренесуваат агенциите, ја објавил кабинетот на гувернерот на Анкара.

Турција веќе два месеци води воена кампања во Сирија, како поддршка на силите на бунтовниците за протерување на милитантите на Исламска држава од јужната граница на Турција. Минатогодишните напади во Анкара, според турските власти, ги изведоа припадници на Исламска држава и на курдските екстремисти.

Забраната за јавни собири и за маршеви ќе остане до 30 ноември во рамките на вонредната состојба што беше прогласена во Турција по неуспешниот обид за воен удар на 15 јули годинава.