Економија Анѓушев: Владата треба да креира поволна бизнис-клима, а не конкуренција на фирмите

Анѓушев: Владата треба да креира поволна бизнис-клима, а не конкуренција на фирмите

Владата нема да креира фирми со кои ќе им се прави конкуренција на приватните компании, туку ќе работи на креирање поволна бизнис-клима со која ќе се овозможи пораст на компаниите и економски развој на земјата.

Ова денеска го истакна вицепремиерот за економија, Кочо Анѓушев, на панел-дискусијата „Научени лекции и како да се имплементираат најдобрите практики во Македонија и во регионот“ на самитот на „Македонија 2025“.

– Со поттикнување на компаниите ќе работиме на зголемување на извозот, со тенденција тој да учествува во создавање на домашниот бруто-производ (БДП) со 60-70 проценти, а годишната стапка на пораст на БДП да изнесува од 5 до 6 проценти – нагласи Анѓушев.

Тој додаде дека задача на Владата е да реализира капитални инвестиции, како изградба на патна, електро-енергетска и гасоводна инфраструктура.

– Наша цел е да имаме одржлив економски развој. За таа цел ја поттикнуваме соработката помеѓу домашните и странските компании, да се искористат домашни капацитети како можни доставувачи на странски компании. Воедно ќе се работи на поттикнување на иновативноста, односно истражувањето и развојот во приватниот сектор, кој во моментов учествува во креирање на БДП со минорни 0,02 отсто – додаде Анѓушев.