Економија Анѓушев: „Трансмет“ порано наплаќала по 144 денари за ископ, а овој тендер...

Анѓушев: „Трансмет“ порано наплаќала по 144 денари за ископ, а овој тендер го добила за 44

Фирмата „Трансмет“ на Сеад Кочан која го доби тендерот на ЕЛЕМ за ископ на јаловина во РЕК Битола, наплаќала и до 144 денари по ископ на 1 гигаџул, а сега компанијата е подготвена да ја врши истата услуга за 44 денари, соопшти денеска вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев.

-Најбитното прашање кое што треба да се одговори е, зошто истата компанија до вчера наплаќала од 90, а во одделни ситуации и до 144 денари по ископ на 1 гигаџул, а денеска истата компанија е подготвена да ја врши истата услуга за 44 денари. Моето прашање е каде завршила разликата од тие пари, и зошто тие цени не се постигнувани и претходно – вели Анѓушев.

На прашање кое е неговото мислење за ваквата понуда на тендерот, тој рече се анализираат сите понуди што конкурирале на тендерот, вклучувајќи ја и компанијата што дала најповолна цена, и при тоа, доколку нивната понуда е во колизија со законите, таа понуда ќе биде одбиена.

-Доколку нема такво нешто, јас би се фокусирал на две други прашања. Првото е зошто судот ја отфрли блокадата на сметката на таа компанија, кога веќе било утврдено дека нејзиното работење не било во согласност со законот, и второ, зошто претходното раководство на ЕЛЕМ, кога веќе беше разоткриено таквото работење на таа компанија, распиша тендер во кој не објави негативна референца, согласно Законот за јавни набавки, за оваа компанија – додаде вицепремиерот Анѓушев.

Според него со транспарентна постапка и чесен пристап ќе се дојде до реални цени на работењето, а заштедите што ќе се постигнат во енергетските компании ќе бидат трансферирани кај граѓаните.

Тој потенцираше дека лага се сите информации околу покачувањето на цената на струјата и дека тоа е само одвлекување на вниманието на македонската јавност од вистинските теми.