Економија Ангеловска: Со ребалансот на буџетот вкупните расходи изнесуваат 3,95 а приходите 3,2...

Ангеловска: Со ребалансот на буџетот вкупните расходи изнесуваат 3,95 а приходите 3,2 милијарди евра

Министерката за финансии Нина Ангеловска информираше дека со ребалансот на буџетот вкупните буџетски расходи ќе изнесуваат 3,95 милијарди евра, што е за 1,4 отсто повеќе во однос на првичните проекции.

Приходите се планирани на ниво 3,2 милијарди евра и истите се помали за 11,5 отсто или 414,6 милиони евра од планираното.

Дефицитот ќе се зголеми на 6,8 проценти од домашниот бруто-производ, или 750 милиони евра. Истиот ќе се финансира со позајмување од домашниот пазар на хартии од вредност и од странство, односно издавање на еврообврзница со максимален износ до 800 милиони евра.

Ангеловска потенцираше дека во фокусот на овој ребаланс е опоравување и рестарт на економијата во услови на кризата со корона вирусот.

„Потребно е да го фатиме моментот на опоравување и максимално да го искористиме, за да извадиме најдобри можни резултати, кои ќе ги амортизираат шоковите од здравствената криза која не погоди во вториот квартал годинава. Мерките и активностите што ќе се преземаат ќе бидат катализатор, забрзувач на процесите во периодот на опоравување, кој треба да започне во третото тримесечје, а да се интензивира во четвртото тримесечје,“ додаде министерката.

Со ребалансот на буџетот, платите на јавна администрација и пензиите нема да се намалуваат.