Подглавна секција Американскиот Сенат одобри 95 милијарди долари за Украина, Израел и Тајван

Американскиот Сенат одобри 95 милијарди долари за Украина, Израел и Тајван

Предлогот предвидува 61 милијарда долари за Украина, 14 милијарди долари за Израел, 4,83 милијарди долари за поддршка за партнерите во Индо-Пацификот, вклучително и Тајван, како и хуманитарна помош од 9,15 милијарди долари за цивилите во Газа и Западниот Брег, Украина и другите конфликтни зони во светот

Фото: Obi - @pixel7propix on Unsplash

Американскиот Сенат, предводен од демократите, го одобри долгоочекуваниот пакет помош од 95,34 милијарди долари за Украина, Израел и Тајван, и покрај зголемените сомнежи за судбината на предлог-законот во Претставничкиот дом, контролиран од републиканците.

Додека демократите беа за усвојување на законот, републиканците беа поделени и еднаш претходно го изгласаа „против“.

На денешното гласање, сенаторите со 70 гласови „за“ и 29 „против“ го испратија законодавството во Конгресот, јавува Си-ен-ен.

Џо Бајден со месеци бараше од Конгресот да побрза со поддршката за Украина и американските партнери во Индо-Пацификот, вклучително и Тајван, потсетува „Гардијан“.

По нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври, Бајден побара и средства за својот сојузник Израел, но и хуманитарна помош за Палестинците во Газа.

Украинските власти, пак, предупредија на недостиг на оружје во време кога Русија продолжува со нови напади.

Пред Бајден да го потпише законот, потребно е да го одобрат двата дома на Конгресот.

Предлогот предвидува 61 милијарда долари за Украина, 14 милијарди долари за Израел за војната против Хамас и 4,83 милијарди долари за поддршка за партнерите во Индо-Пацификот, вклучително и Тајван и одвраќање на агресијата на Кина. Предвидена е и хуманитарна помош од 9,15 милијарди долари за цивилите во Газа и Западниот Брег, Украина и другите конфликтни зони во светот.

Републиканците со месеци бараа законот да вклучува ограничувања на границите. Неколкумесечните преговори меѓу демократите и републиканците околу границата со Мексико пропаднаа откако повеќето претставници на Републиканската партија се спротивставија на предлог-законот, откако истиот беше отфрлен од Доналд Трамп, кој пак се смета за водечки партиски кандидат за Белата куќа.