Економија „Алкалоид“ со зголемени извоз и добивка

„Алкалоид“ со зголемени извоз и добивка

Во периодот јануари – септември 2014 година во „Алкалоид“се реализирани 54 нови вработувања

Фармацевтската компанија „Алкалоид“ од Скопје во периодот од јануари до септември годинава оствари позитивни финансиски резултати, а според неревидираните единечен и консолидиран биланс на успех, објавени на Македонска берза, компанијата остварила пораст на извозот од 11 отсто, на добивката за 4 отсто и вработила 54 лица во производните погони во земјава.

Во единечниот биланс на успех, остварените единечни продажби во износ од 4.344 милиони денари, бележат зголемување за 2 отсто во споредба со остварените во истиот период во 2013 година. Добивката пред финансиски трошоци, даноци и амортизација (ЕБИТДА) изнесува 801 милиони денари што претставува зголемување од околу 10 отсто. Нето-добивката изнесува 457 милиони денари, што претставува зголемување за 4 отсто.

Според консолидираниот биланс на успех, остварените продажби во износ од 5.550 милиони денари бележат зголемување од 8 отсто во споредба со остварените во истиот период во 2013 година, при што е реализиран пораст на консолидираните извозни продажби од 11 отсто. Добивката пред финансиски трошоци, даноци и амортизација (ЕБИТДА) изнесува 833 милиони денари, што претставува зголемување за околу 10 отсто. Нето-добивката изнесува 440 милиони денари, што претставува зголемување од 4 отсто.

Во периодот од јануари до септември 2014 година, во „Алкалоид“ се реализирани 54 нови вработувања.