Култура Албанија ѝ враќа на Македонија 20 икони украдени од цркви и манастири

Албанија ѝ враќа на Македонија 20 икони украдени од цркви и манастири

Македонската министерка се заблагодарила на албанските институции и служби кои ги заплениле овие вредни дела, а крадците ги соочиле со правдата

Фото: Министерство за култура

Владата на Албанија ѝ враќа на Македонија 20 икони кои припаѓаат на македонските цркви и манастири, а кои биле незаконски изнесени од земјава. Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, денеска во Тирана на церемонија за свечено предавање на овие икони, кажала дека Владата високо го цени и го вреднува овој историски чин на враќање на иконите.

„Во овој гест како израз на пријателство од страна на Владата на Република Албанија, премиерот Еди Рама и мојата колешка, министерката Елва Маргарити, не ја препознаваме само политичката порака за почитување на преземените обврски како држави. Многу повеќе ја препознаваме пораката за етичкиот и моралниот однос, како и вреднување на македонското заштитено културно богатство“, рече таа.

Албанската министерка за култура, Елва Маргарити, посочи дека е ова свечен момент кој направил да се чувствува горда.

„Овој чин го отвора патот и за враќање и во Албанија на изгубени предмети, ограбени во нашите институции за културно наследство, музеи, паркови или култни објекти“, рече Маргарити.

Македонската министерка се заблагодарила на албанските институции и служби кои ги заплениле овие вредни дела, а крадците ги соочиле со правдата.

„На стручните лица од областа на заштитата, и од наша и од албанска страна, им благодарам за професионалниот пристап, кој во голема мера придонесе за овој успешен епилог на десетгодишното патешествие на македонските икони“, додаде министерката.