Галерија Aктивистите во Штип со квиз за корона и прашање – „Чија е...

Aктивистите во Штип со квиз за корона и прашање – „Чија е одговорноста“?

Штип, градот кој повеќе од три месеци беше жариште на ковид-19, изутринава осамна со прашањето „Кој е крив?“ поставено во централното градско подрачје, во коритото на реката Отиња. На плоштадот „Слобода“ пак, е поставена топка и прашање – „Чија е одговорноста“?

Овие прашања се симболичен дел од „Корона квиз на одговорност“, со кој неформалната група на арт активисти го покренуваат прашањето на одговорноста и непостапувањата на институциите во време на корона кризата. Активистите забележуваат дека институциите во периодот на двоцифрени бројки на заболени од ковид-19 си ја префрлаа „топката на одговорност“.

„Евидентни беа злоупотребите од поединци од чија неодговорност трпеше целиот град и сите граѓани. Сакаме граѓаните да го постават прашањето почнувајќи од себе па потоа прашувајќи ги и работодавачите, институциите, локалните власти, превозниците кој е виновникот за драстичното зголемување на заболени во Штип и чија е одговорноста за (не)постапување,“ соопштуваат од Штип арт активисти.

Групата преку овој начин на делување им испраќа порака на институциите, дека сите имаат одговорност, навремено и почитувајќи ги законите, да реагираат, со цел намалување на бројот на заразени од ковид-19.

Преку поставената инсталација на градскиот плоштад „Слобода“ и „Топката на одговорност“, граѓаните можат и директно да ги посочат институциите кои требаше да реагираат навремено, прецизно и согласно нивните надлежности и ингеренции.

Со поставените инсталации активистите очекуваат граѓаните да извршат притисок за да се почитуваат мерките и препораките, односно да се анимираат поголем број на граѓани, институции и работодавачи за подигање на свеста за придржување до мерките и препораките. Од инспекторатите се очекува построго делување, со цел помали штети по животот и здравјето на граѓаните и компаниите при идниот бран на ковид 19-кој се очекува.