Ctrl - Z Ако не се реши проблемот со депонијата на „Југохром“, шестовалентниот хром може...

Ако не се реши проблемот со депонијата на „Југохром“, шестовалентниот хром може да е закана и за изворот Рашче

Обоената вода со шестовалентен хром и други материи се влива во реката Вардар кај депонијата во Јегуновце; Фото: Мета.мк

Шестовалентниот хром од депонијата на „Југохром“ во Јегуновце и бесконечното одложување на решението за овој проблем може да бидат закана и за изворот Рашче од кој со вода за пиење се снабдува речиси цело Скопје. Мешањето на подземните води, контаминирани со отпадот од депонијата и водите во Жеденскиот масив, со кои се напојува изворот на чиста вода за главниот град, е регистрирано уште пред две децении во истражување на Управата за хидрометеоролошки работи.

Присуство на шестовалентен хром во водите кои гравитираат кон изворот Рашче е потврдено и во истражувањето „Потекло на водите на изворот Рашче и аспекти на нивната заштита“, на група професори од Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје, кое е публикувано во 2019 година преку Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).

Во трудот, авторите врз основа на испитувањата правени на водите на триесетина локации во селата Копанце, Раотинце, Јегуновце, Дворце, Радуша и Рашче препорачуваат да се истражи и разреши проблемот со погоните контаминирани со Cr 6+ и индустриската депонија на фабриката „Југохром“ и да се намали нивното влијание врз Жеденскиот аквифер, а со тоа и на водите од изворот Рашче, како и да се дефинира транспортот на веќе навлезениот хром низ Жеденскиот масив како потенцијален ризик за квалитетот на водата на изворот Рашче.

Целта на истражувањето е изворот Рашче, а особено неговата заштита бидејќи постојат претходни испитувања кои ја потврдуваат ранливоста на водите од овој значаен извор на питка вода, како и на потребата од перманентна грижа за заштита на испитуваните локални површински и подземни води, ова особено поради фактот што веќе е регистриран продор на подземни води контаминирани со шест валентни хромни јони, од локалитетот на поранешната фабрика „Југохром“ и нејзината индустриската депонија кон Жеден и изворот Рашче.

Министерството за животна средина, кое во моментов е одговорно за работењето на пречистителната станица која ги обработува водите контаминирани со шестовалентен хром од депонијата и од некогашните индустриски погони во „Југохром“, како и за решавање на проблемот со историскиот отпад, информира дека нема нарачано свои испитувања на подземните и надземните води за присуство на шестовалентен хром. Од министерството велат дека за квалитетот на водите, особено во главниот град, се информираат од податоците од Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ чија лабораторија редовно врши мерење.

Анализи за присуство на шестовалентен хром во вода, како редовна активност, не прават ниту Институтот за јавно здравје, ниту Центрите за јавно здравје во Скопје и во Тетово. Управата за хидрометеоролошки работи, пак, во 1999 година го изработила истражувањето „Влијание на депонијата од ХЕК Југохром врз квалитетот на површинските и подземните води“, во кое стои дека индустриската депонија претставува потенцијална опасност за загадување на површинските и подземните води во регионот и изворот Рашче, заради што итно треба да се преземат мерки за санација и елиминирање на оваа опасност.

Од тогаш па наваму, оваа институција, само еднаш во 2009 година, на барање на Градот Скопје работела на испитување на влијанијата врз подземните води од кои се напојува Рашче, но во нив не се испитувал шестовалентниот хром. И во рамките на редовните активности, УХМР зема примероци од водите и го испитуваат квалитетот на дваесетина позиции, меѓу кои и од Вардар, но шестовалентниот хром не е еден од параметрите кои се следат.

Единствено лабораторијата на скопското јавно претпријатие „Водовод и канализација“ работи на ваков тип анализи. Од таму велат дека нивниот сектор за санитарна контрола има годишен план и програма за работа во рамките на која редовно врши надзор и мониторинг во однос на квалитетот на подземните води во Рашче и неговата околина, а влијанија од шестовалентен хром во близина на изворот нема.

„Досега не е забележан шестовалентен хром на мерните места кои директно влијаат на изворот на водата од Рашче од каде во најголема мера Скопје се снабдува со вода. Забележана е покачена концентрација на шествалентен хром само во една точка- пиезометар во Јегуновце, која нема влијание врз изворот Рашче. Мониторингот врз овој пиезометар се врши многу години наназад и констатирано е дека нема влијание врз изворот Рашче, кој пак се мониторира и контролира со фреквенција од два пати во месецот“, вели Катерина Вељановска- Михаилов, виш соработник за меѓународна соработка и проекти.

Таа посочува дека јавното претпријатие мониторингот го врши преку мрежа од околу 70 пиезометри од полошката и скопската котлина и градот Скопје, распоредени долж целиот Жеденски масив кои ја контролираат втората заштитна зона на изворот Рашче. Примероци се земаат во неколку последователни циклуси и испитувањата се вршат во секое годишно време во текот на целата година во лабораториите на „Водовод и канализација“.

„Напоменуваме дека контролата се прави по научни методи со примена на современа технологија која гарантира релевантност на податоците и од страна на стручни лица. После Виена, Скопје е главен град кој пие најквалитетна вода во Европа, а за овозможување на врвните перформанси на скопската вода освен природниот дар влијае и постојаната грижа и проверките кои се прават“, нагласува Вељановска- Михаилов.