Главна секција Али Ахмети се појави како сведок во Специјалното јавно обвинителство

Али Ахмети се појави како сведок во Специјалното јавно обвинителство

Претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, во придружба на шефот на кабинетот, Артан Груби, денеска, точно во 14 часот, дојде на разговор како сведок во Специјалното јавно обвинителство.

Пред да влезе, лидерот на ДУИ не даде изјава за медиумите.

Од СЈО известија дека Ахмети е повикан на разговор во својство на сведок, но во интерес на предистражната постапка не откриваат за кој случај точно станува збор.

– Лицето е повикано на разговор во својство на сведок. Поради тајноста на предистражната постапка, во моментов не можеме да ви соопштиме повеќе детали – изјави за „Мета“, портпаролката на СЈО, Ленче Ристовска, во вторникот.

Според медиумите, Ахмети, наводно, е повикан на разговор во СЈО за случајот „Космос“, кој беше дел од прислушуваните разговори, што минатата година ги објави СДСМ.

Во дел од нив, како што тогаш објави претседателот на СДСМ, Зоран Заев, можат да се слушнат разговорите на поранешниот премиер и актуелен претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, и поранешниот министер, Миле Јанакиески, како го договараат уривањето на комплексот „Космос“ на бизнисменот Фиат Цаноски.