Македонија Ахмети предлага името да се реши по моделот на Договорот со Бугарија...

Ахмети предлага името да се реши по моделот на Договорот со Бугарија – без референдум

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети во интервју за грчкиот весник „Катимерини“ предлага прашањето за името да се реши според моделот на Договорот за добрососедство со Бугарија, со консензус меѓу двете влади и со ратификација во двата парламенти, пренесува македонската државна новинска агенција МИА.

– Најдобар начин за затворање на ова прашање е моделот на Договорот за добрососедство меѓу Скопје и Софија, преку консензус меѓу двете влади, а потоа ратификација во двете собранија – вели Ахмети во интервјуто со наслов „Решение сега, без референдум“, објаснувајќи дека владата и опозицијата имаат историска одговорност да постигнат решение и да ги одведат граѓаните и земјата во НАТО и во Европската Унија.

Ахмети наведува дека владата ќе преговара за да се постигне договор, а не само за да преговара, нагласувајќи дека „подобро време од сега не постои“ за решавање на спорот.

Околу предлозите на медијаторот Метју Нимиц, лидерот на ДУИ вели дека владата заедно со опозицијата ги разгледува и се обидува да има позитивен и конструктивен пристап. Тој објаснува дека терминот „Македонија“ бил дел од предлозите и во 2008 во Букурешт, но и во 2011 година, во рамките на предлогот „Република Северна Македонија“.

– Терминот „Македонија“ во името на нашата земја не претставува закана за територијалниот интегритет и суверенитет на Грција – вели Ахмети за „Катимерини“.

Тој предупредува дека не решавањето на проблемот може да ги отвори старите ставови за нови граници на Балканот.

Во врска со прашањето колку е можен политички консензус во Македонија за прашањето за името, Ахмети го критикува претседателот на државата Ѓорѓе Иванов, а за опозицијата вели дека поддржува решение на проблемот.

– Господинот Иванов испушти одлична можност за да ја подобри неговата слика кај албанската заедница, оставајќи и негов белег во завршувањето на регулативниот дел на Охридскиот договор. Тој одбра да остане на патот на законитоста заглавена на линиите од партијата. Јас очекувам да нема ист пристап и за толку сериозното и долгогодишно прашање за името – вели лидерот на ДУИ во интервјуто за Катимерини.