Македонија Ахмети: ДУИ е против активна регистрација на гласачите

Ахмети: ДУИ е против активна регистрација на гласачите

Демократската унија за интеграција (ДУИ) е против предлогот за активна регистрација на гласачите бидејќи таа е спротивна на „духот на гарантирање на правото на глас за секој граѓанин“, рекол претседателот на партијата, Али Ахмети, за време на денешната средба со амбасадорот на Кралството Холандија во земјава, Ваутер Пломп, стои во соопштението на интегративците за средбата.

Ахмети на средбата посочил дека ДУИ се залага за „транспарентно административно расчистување на листата на гласачите со проверки на терен“.

Ахмети и Пломп, како што информираат од ДУИ, разговарале за политичките случувања што се однесуваат на имплементацијата на договорот од 2 јуни, предвремените парламентарни избори, закажани за догодина во април, и на интеграцијата на Македонија во НАТО и во Европската унија (ЕУ).

„Претседателот Ахмети изрази надеж дека тимот на специјалниот обвинител ќе работи чесно и со прецизност, додека Демократската унија за интеграција ќе го поддржи процесот целосно“, стои во соопштението на ДУИ.

Лидерот на ДУИ и холандскиот амбасадор разговарале околу меѓуетничките односи како столб на стабилноста на земјата, а Ахмети изразил благодарност за поддршката што холандската влада ја дава на Охридскиот договор.