Македонија Ахмети до Могерини: Остануваме посветени на наоѓањето политичко решение

Ахмети до Могерини: Остануваме посветени на наоѓањето политичко решение

Институционалната и системска криза не смее да се претвори во етничка и ние ќе останеме посветени на тоа да се постигне политичко решение, истакнал лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на денешната средба со високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, Федерика Могерини, во Собранието на Република Македонија.

Ахмети рекол дека соработката со ЕУ, НАТО и со САД трае 16 години и дека секое постигнување е заедничко.

– Ние сме биле, сме и ќе останеме партнер на меѓународната заедница… Владеењето на правото, владеењето на законот, веродостојни институции, заокружување на Охридскиот договор, добрите меѓуетнички и добрососедски односи, како и интеграцијата во НАТО и во ЕУ се нашите приоритети – нагласил Ахмети, стои во соопштението на ДУИ за средбата.

Могерени, се додава во соопштението, изразила вреднување на конструктивната улога и на пристапот на ДУИ околу кризата и истакнала дека Европската Унија останува со земјата во напорите за решавање на кризата и потребата за продолжување на дијалогот.