Дописници Адеми: Нема амбиент да се расправа за новиот закон за образование

Адеми: Нема амбиент да се расправа за новиот закон за образование

Министерот за образование и наука, Абдилаќим Адеми, вели дека сè уште нема амбиент да се расправа во Собранието за новиот закон за образование, затоа што политичките партии, имајќи ја предвид актуелната ситуација во земјава, имаат други приоритети.

– Ние пред неколку месеци почнавме со консултации и формиравме заеднички групи со УКИМ, со студентскиот и со професорскиот пленум, меѓутоа по неколку средби , од „Професорски пленум“ се повлекоа. Очекуваме деновиве да видиме како ќе се одвива дијалогот околу заедничките средби. Имајќи ги предвид предизвиците и актуелната политичка ситуација во која се наоѓа Македонија, Собранието во моментов има други приоритети и мислам дека нема амбиент политичките партии за приоритет да го имаат законот за образование – изјави Адеми.

Министерот Адеми рече дека е отворен за соработка и за средби со студентскиот и со средношколскиот пленум, од каде неколкупати најавија бојкот и протести доколку институциите не разговараат со нив за актуелните проблеми во образованието. Доколку пленумите побараат средба, истата ќе се оствари, додаде Адеми

Министерот Адеми оцени дека академската година на сите универзитети во Македонија почнала успешно. Тој денеска присуствуваше на првиот академски час на Државниот универзитет во Тетово. Според Адеми, Владата и Министерството во континуитет работат на подобрувањата на повеќе сфери поврзани со студентскиот живот, иницирајќи и поттикнувајќи осовременување на студиските програми и нивно прилагодување на современите светски програми.