Во академските кругови сè повеќе се зборува за најавените измени на Законот за високо образование (ЗВО), кои универзитетски професори допрва ќе треба да ги подготвуваат. Изминатиов период има и поединечни реакции од професори дека процесот е нетранспарентен и дека законот се крои зад затворени врати. За тоа што сè е потребно да се менува, во ова интервју за Мета.мк објаснува проф. д-р Атанас Кочов од Машински факултет, за кој е најавено дека ќе биде еден од членовите на работната група што ќе работи на измени и дополнување на ЗВО.
Кој сè ќе членува во работната група и дали досега сте се состанале?
Министерот за образование и наука најави дека ќе се формира работна група која треба да направи анализа на постоечкиот Закон за високо образование која ќе предложи измени. Но, до денес таа работна група не се состанала. Сепак, факт е дека е време да се размислува за промена на постоечкиот ЗВО.
Потребен е квалитетен Закон за високо образование, донесен на основа на сеопфатни анализи, мерки и евалуација на историјатот на високото образование во Македонија и во светот, преку искуствата на универзитетите како носители на таа активност. Новиот закон ќе мора гарантира континуриано подобрување на наставно-образовниот процес и научно-истражувачката работа за да се обезбеди уште подобар и поквалитетен кадар во Македонија.
Вие имате долгогодишно искуство како професор и како прв човек на Машинскиот факултет. Што е она што сметате дека е неопходно да се промени во Законот кога станува збор за студентите? Што е она што треба да се усогласи со европската пракса кога се работи за студентите?
Студентите се нашиот влез во високообразовниот систем. Тие се нашата срж заедно со сите научноистражувачки активности. Новиот закон или измените, мора да ги дефинираат условите за подобрување на студентскиот стандард. Студентот е член на академската средина и мора да биде респектиран и правилно награден за секој негов придонес во општествено-економскиот развој на државата. За возврат и секој студент поединечно мора да придонесе со сите свои можности.
Подобрениот студентски стандард мора да подразбира подобрени услови за реализација на теоретска и практична настава, поголемо и поквалитетно учество на студентите во лабораториските и експериментални вежби, мора да се обезбедат материјали за рализација на предавањата и вежбите. На студентите мора да им се подобрат условите на исхрана во студентските мензи, кои за жал повеќе ги нема на факултетите, но останаа само по студентските домови и се можеби со недоволен избор (согласно одредени информации од социјалните медиуми). Сместувањето во студентските домови и условите за приватниот живот и творење во домовите мора да се подобри, мора да се изнајде начин на финансирање и на студентските домови, дали со јавно-приватно пратнерство или друга форма на финансирање, но решение мора да се најде.
Студентот мора да биде ценет, почитуван, респектиран. Студентите се моторна сила која треба да ја повлече земјата напред, тие се нашата иднина, а не постојано да говориме дека по завршувањето на студиите, тие си заминале, незадоволни од условите, или пак дека заминале на школување во странство. Поразително е што бројот на добри средношколци во потргата по подобри услови за студирање, заминуваат од Македонија. Тоа е јасен знак дека мора да настанат промени во високообразовниот систем. А тие промени, мора да почнат од нас, членовите на академската средина.
Дали се неопходни нови законски решенија кога станува збор за користењето пари од европските фондови за истражувања?
Добри законски решенија за квалитетна интернационализација на студиските програми мора да придонесе да се зголеми бројот на странски квалитетни студенти во Македонија. На пример, периодот кој престои мора да биде насочен кон подготовка и апликации за новата програма на ЕУ Хоризонт, Green deal и сите останати програми кои овозможуваат пристап до европските фондови за наука и истражување. Без наука и истражување не можеме да очекуваме технолошки и развој на факултетите, на универзитетите и на државата.
Но, за да го постигнеме тоа, најпрво мора да се мобилизираме интерно во рамките на универзитетите и мора да бидеме многу „поагресивни” на меѓународен план во вмрежување, подготовка на меѓународни проекти и подобрени апликации за наука и истражување. А за тоа треба и измена во ЗВО и Закон за научноистражувачка дејност, потребни се дефинирани финански механизми кои ќе ги обезбеди државата за да можеме да учествуваме на ралични повици од ЕУ. Имено, одредени програми бараат и соодветно платени членарини и тоа мора да биде поддржано од МОН и Владата.
Не е цел само да се потпишуваат договори со универзитети за меѓусебно разбирање и соработка, мора да тежнееме истите тие договори да бидат ефективни, да бидат темел за заеднички меѓународни научноистражувачки проекти, посебно во новите програми на ЕУ.
Притоа, треба да се користат сопствените и останати искуства на универзитетите во државата и да се постигне состојба на децентрализација на процесот на подготовка и апликација на меѓународни проекти од страна на единиците на универзитетите, а во насока на искористување на погодностите кои произлегуваат од меѓународните проекти, мрежата на веќе воспоставената соработка со странските универзитети, меѓународните организации кои ја поддржуваат и потпомагаат мобилноста на наставно-научни кадри, стручни кадри и студенти.
Обезбедувајќи поголема слобода и децентрализацијата на процесот на подготовка на меѓународни проекти, а зголемена поддршка од специјализирани тимови, ќе овозможи поголема успешност во апликациите и добиените проекти, а со тоа и дисеминација на стеканатото искуство и трансферот на знаење и ќе придонесе за подобрување на квалитетот на наставно – образовниот процес. Се разбира на тој начин и поголемо ангажирање на нов и млад кадар во наставниот процес. Имено, и програмата на ЕУ за сите меѓународни проекти во рамките на Хоризонт 2020, предвидува средства за вработување на млади истражувачи што може да биде добро решение.
Дали ќе предложите да се менува нешто во однос на моделот на студирање? И зошто?
Време е универзитетите во соработката со МОН да направат една сеопфатна темелна анализа на досегашните искуства и практики од примена на Болоњскиот процес, целосна евалуација на процесите и дури тогаш да се отвори темелна дебата или конференција на тема „Болоња“ и нејзина примена и перспективи. Секоја друга дискусија и коментари не би се темелеле на аналитичност.
Потребно е да се провери колку нашите студиски програми се компатабилни со евроспките. Колку се отворени можностите за мобилност на нашите студенти преку Еразмус програмата. А наша цел секогаш мора да се студентите, тие се нашиот производ и за да биде квалитетен мора да му се понудат програми кои се европски, консолидирани, компатибилни со европскиот систем и студиски програми. Воведување студиски програми на странски јазик мора да биде приоритет.
Имено, болоњскиот систем меѓудругото, подразбира и хоризонтално поврзување на европските универзитети и факултети. Затоа, универзитетите со квалитетни законски и подзаконски решенија, мора да обезбедат поширока и пореална соработка со европските универзитети, со цел унапредување на образовните стандарди во високото образование од една страна и подобрување на студентскиот стандард од друга страна, преку зголемена мобилност на студентите на други универзитети од странство.
Секој систем после одреден временски период треба да претрпи одредени промени. И праксата јасно покажува дека оптимален животен век на одреден производ, е 10 до 12 години, а потоа е неопходно да се направат одредени промени во производот за да може да се одржи на пазарот. Исто е и со системот на организирање и реализација на болонскиот систем и европскиот кредит-трансфер систем. Имено, поради нерешно финансирање на високото образование, најголем дел од нашите студски програми се четиригодишни, а вториот и третиот циклус се самофинансирачки. Во ЕУ тоа не е така.
Потребни се темелни анализи после петнаесетгодишната примена на болоњскиот процес. По тие анализи, треба да се одредат правците на идните процеси. А тоа мора да биде и вградено во подобрен или нов Закон за високото образование, закон кој ќе обезбеди услови за уште поголемо унапредување на капацитетите на универзитетот, унапредување и осовременување на наставните планови и програми, воспоставување на систем за обезбедување на висок квалитет и подобрување на наставно-образовниот процес, спроведување на процес на целосна внатрешна евалуација на студиските програми, системи на квантификација на активностите на високообразовните институции и спецификите на образовниот и научно-истражувачкиот простор.
Има многу шпекулации во однос на тоа дека измените вклучуваат и промени во изборот на ректор. Имате ли сознанија што е предвидено да се менува во овој дел?
Не сум целосно упатен. Се слушаат различни кулоарски муабети и шпекулации по социјалните мрежи, но навистина сметам дека на тоа не треба да се обрнува внимание. Треба да мислиме на подобрување на квалитетот и условите на студирање, на квалитетот на студентскиот живот и како тој да се подобри, како и кои измени се неопходни да се подигне студентскиот стандард. Деканите и ректорите се на своите позиции одреден временски период и потоа си одат. Важно е што оставаат зад себе и што може од тоа да се надгради.
Приоритет треба да биде подобрен систем на студирање, подобрен студентски стандард, зголемен број на гостувачки професори, зголемен број на објавени научни трудови во престижни списанија, подобрување на рангирањето на нашите универзитети на различните листи за рангирање. Ако ова не се случи, ќе нè снема од листата на добри високообразовни системи.
Науката во нашата земја со години е „приврзок“ на министерството, буџетот што се одвојува за наука не е доволен. Дали ќе предложите да се менува нешто во овој дел?
Во однос на финансирањето, морам да напоменам дека крајно време е и мора да се заврши процесот на воспоставување на систем за финансирање на високото образование, но истовремено мора да се воведат и промени со кои универзитетите ќе станат претприемачки универзитети, согласно најновите текови за развој на високото образование во Европа и глобално, и соодветно на најдобро рангираните универзитети.
На пример, за нас како технички науки, претприемачки универзитет со зајакнување на соработката со стопанството преку формирање Центри на знаење, компетенции, трансфер на технологии, акселератори, старт-ап компании, кои реално ќе постојат, а не само на хартија и кои ќе ја извршуваат својата функција во целост се добро решение за дополнителни финансиски средства.
Процентот на инвестирање во научно-истражувачка дејност мора да се подобри, да се осовременат лабораториите и да се набават материјали за реализација на вежби, а тоа треба да се прави обезбеди преку соодветно буџетирање.
Начинот на финасирање по студент мора да биде различен во зависност од дејноста, односно професијата. Не може цена на чинење, односно трошок за студирање на техничките науки да биде иста со трошоците на студирање на општествените науки или пак, на медицинските науки.
Ако сакаме да имаме квалитетен високообразовен процес, мора да има соодветен начин на финансирање за успешна реализација на теоретскиот и практичниот дел од студиите. Само така ќе имаме кваллтетн образован кадар, кој ќе биде иновативен, технолошки подготвен и спремен да придонесе во општествено-економскиот развој на Македонија.
И морам да признаам, дефинирањето на финансирањето во високото образование , воопшто не е лесен процес. Но, мора еднаш да почне и да се заврши. Да се постави високото образование на здрави темели, а потоа да се бара и максимална посветеност и одговорност на реализацијата на високообразовниот процес.
