Македонија 22-годишно момче со Даунов синдром почина од ковид-19 во ГОБ „8 Септември“

22-годишно момче со Даунов синдром почина од ковид-19 во ГОБ „8 Септември“

Клиника за инфективни болести и фебрилни состојби - Скопје | Фото: Арбнора Мехмети, Мета.мк

Билансот на починати лица од ковид-19 во земјава денеска бележи шест нови фатални случаи, меѓу кои е и најмладиот пациент што починал од болеста во земјава во изминатиов период. Станува збор 22-годишен пациент од Скопје, кој како лице со Даунов синдром заразено со корона вирус пред 21 ден бил примен во Градската општа болница „8 Септември“ во тешка општа состојба, информираат во Министерството за здравство.

Министерот за здравство Венко Филипче, но и многу од докторите, досега во неколку наврати повторија дека корона вирусот е непредвидлив и не бира кого ќе нападне и какви последици ќе предизвика по неговото здравје, особено што може секој да ја добие инфекцијата.

Во дневните извештаи на Министерството за здравство, од почетокот на пандемијата  досега имаше и млади лица кои ја загубија битката со ковид-19. Пред извесно време, поради компликации од ковид-19 почина почина 27-годишно момче од Битола, потоа, 27-годишна родилка од Куманово, 24-годишна девојка од Тетово, а битката неодамна ја загуби и 34-годишен Штипјанец.

Дека состојбата со ширењето на ковид-19 меѓу младата популација не е позитивна, покажува и последниот неделен извештај на Институтот за јавно здравје за периодот од 27 јули до 2 август, во кој се споменува дека е зголемен бројот на заболени лица на возраст од 30 до 39 години, односно оваа возрасна категорија учествувала со 19,4 отсто од вкупниот број на новозаболени лица.

Во меѓувреме, во изминатиов период се организираа многу журки без почитување на никакви протоколи во Охрид и во другите градови низ земјава, а продолжува и собирањето на младите лица во вечерните часови во големи групи и без носење на заштитни маски и држење дистанца од два метри низ целата земја.