Македонија ЗНМ: Менаџментот на „Телма“ смислено ја чисти телевизијата од критички новинари

ЗНМ: Менаџментот на „Телма“ смислено ја чисти телевизијата од критички новинари

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) изразува загриженост за последните случувања во телевизија „Телма“. Бркањето на 12 искусни и познати новинари претставува сериозно кршење на социјалните права на новинарите и понатамошно влошување на состојбата со слободата на медиумите – велат од ЗНМ.

„Тврдењата на менаџментот на телевизијата дека укинувањето на работни места се прави поради лошата економска состојба на компанијата се неуверливи. Компанија која има проблем со загуби и превработеност не вработува нови новинари, а потоа ги отпушта оние кои претходно по десетина години работеле таму. Дополнително, нејасно е кои биле критериуми по кои се водел менаџментот кога ги укинувал работните места. Уценувањето на новинарите да прифатат намалување на платите ако сакаат да останат на работа е мобинг, кој се казнува со закон. Поради тоа сметаме дека последните случувањата во „Телма“ се смислена стратегија на менаџментот да ја исчисти информативната редакција од искусни и критички новинари“, се вели во соопштението на ЗНМ.

Од таму велат дека слично чистење на информативните редакции претходно имаше и во други електронски и печатени медиуми откако беше променета нивната сопственичка структура и менаџмент.

„Намерата на сопствениците на медиумите и на новите уредништва, е да ги обезличат и да ги онеспособат медиумите да ги истражуваат сериозно злоупотребите на власта. Убедени сме дека бркањето од работа на искусни и професионални новинари ќе ја осиромашува медиумската содржина и медиумскиот плурализам. Затоа, го повикуваме менаџментот на „Телма“ да се откаже од намерата за бркање или намалување на плати на новинари и да бара други решенија за евентуалните проблеми на компанијата“, стои во соопштението на ЗНМ.