Македонија ЗНМ ги повика сите новинари да се приклучат на утрешниот протест

ЗНМ ги повика сите новинари да се приклучат на утрешниот протест

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) ги повика сите новинари да се приклучат на протестот за проддршка на новинарот Зоран Божиновски, закажан за утре во 10 часот пред Основниот суд Скопје 1.

„Ги повикуваме сите новинари да се приклучат на протестот и заедно да му изразиме поддршка на колегата Божиновски. Во исто време, сакаме да го осудиме прогонот на новинари, кој во Македонија се заканува да стане практика. Нема дилема дека Божиновски стана предмет на кривичен прогон поради неговата работа како новинар и поради неговите објавени злоупотреби за власта. Тој е обвинет за тешки кривични дела затоа што власта преку злоупотреба на законите и на институциите сака да ги затскрие вистинските намери, да замолчи еден новинар, да ги дисциплинира и да ги заплашува другите и да спречи јавноста да ја дознае вистината за начинот на нејзиното владеење“, стои во соопштението од ЗНМ.

Утре, во 10.30 часот, во Основниот суд Скопје 1 треба да почне судскиот процес против Божиновски, кој се товари за шпионажа, злосторничко здружување и за уцена.

„Со ваквите судски процеси, власта се обидува да ги дискредитира и да ги девалвира сите новинари и сака да го наруши кредибилитетот на новинарската професија. Ваквиот прогон влијае негативно и на слободата на изразувањето и на слободата на медиумите. На Божиновски му треба нашата поддршка. Тој ја заслужува нашата солидарност!“, се додава во соопштението на ЗНМ.

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и Институтот за комуникациски студии (ИКС) денеска соопштија дека ќе го поддржат утрешниот протест на ЗНМ.