Македонија ЗНМ бара МВР да го казни обезбедувањето на Груевски за упадот во...

ЗНМ бара МВР да го казни обезбедувањето на Груевски за упадот во „ТВ 21“

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) денеска доставило претставка до Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди на Министерството за внатрешни работи за упадот на обезбедувањето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во „ТВ 21“.

Во претставката, ЗНМ бара да биде поведена постапка против двајцата припадници на обезбедувањето на Груевски, кои минатата недела упаднаа во просториите на телевизијата и го присилија новинарот Кристијан Ландов да избрише снимки од мобилен телефон.

„ЗНМ бара МВР да ги утврди сите околности на настанот и најостро да ги казни припадниците на обезбедувањето на Груевски за незаконско и непрофесионално постапување“, стои во соопштението на ЗНМ.

Оттаму велат дека бришењето снимки на новинари е чин на цензура, која е забранета со Уставот и потсетуваат дека Груевски како лидер на политичка партија е јавна личност и новинарите имаат право да го снимаат.

„Никој нема право, па и припадници на полицијата, да одземат приватен мобилен телефон од новинар или да му наложат да избрише снимен материјал надвор од судска постапка. Ако Груевски сметал дека новинарот му ја нарушил неговата приватност, можел да поднесе соодветна пријава до надлежен суд, но во никој случај вашите припадници не смееле да упаднат во телевизијата и да му наредат на новинарот да ја избрише снимката“, наведуваат од ЗНМ во претставката до МВР.