Македонија ЗНМ бара кривична одговорност за заканите кон новинарката Рита Бехадини

ЗНМ бара кривична одговорност за заканите кон новинарката Рита Бехадини

Бехадини пријавила дека во последните денови е мета на закани од лица со профили на социјалната мрежа Фејсбук. Меѓу нив, посебно се одвојува една која содржи јасна закана

Фото: ЗНМ

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) побара итна реакција за експлицитните закани упатени кон новинарката на Алсат М, Рита Бехадини на нејзината објава во врска со јавниот став од страна на оџата од Сарај на социјалната мрежа Фејсбук.

Бехадини се обратила до ЗНМ со пријава дека во последните денови е мета на закани од лица со профили на социјалната мрежа Фејсбук. Меѓу нив, посебно се одвојува една која содржи експлицитна закана.

Во објавата од извесен профил именуван како Fisnik Hoxha се посочува заканата: ,,Ај избриши го постот што го напиша против оџата, семејството ќе ти го е****. Утре ќе дојдам пред Алсат, увото ќе ти го исечам со нож”.

Ваквата закана претставува директен повик за физичко насилство кон новинарката Бехадини со што се загрозува нејзината безбедност, а потенцијално и сигурноста на останатите колеги од овој медиум, велат од Здружението на новинарите.

„Оваа експлицитна закана по животот на новинарката Бехадини е пријавена до Министерството за внатрешни работи (МВР) до Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика и во исто време ЗНМ ќе инсистира на брза и ефикасна истрага во интерес на пронаоѓање и санкционирање на авторот или авторите на оваа закана“, стои во реакцијата на ЗНМ.

Здружението потсетува дека оваа година издаде Протокол за безбедност на новинарките на интернет  со чекори за постапување на новинарите при закана на интернет.