Македонија Жерновски: ВМРО-ДПМНЕ ја фалсификувала волјата на граѓаните

Жерновски: ВМРО-ДПМНЕ ја фалсификувала волјата на граѓаните

ВМРО-ДПМНЕ на еден крајно дрзок и грозен начин ја фалсификувала волјата на гласачите, изјави денеска градиначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски, откако вчера министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, ја извести јавноста дека засега се откриени 22 незаконски гласачи од Пустец, Албанија.

– Сакам веднаш да му поставам прашања на Никола Груевски. Има ли поголем криминал од фалсификување на волјата за изборот на гласачите? Нели е точно тоа што го кажуваше ти дека народот во земјава е тој што одлучува? Нели велеше дека народот ти дава поддршка? По вчерашните информации е сосема јасно дека ниту тој не верувал во македонскиот народ, ниту, пак, народот му верувал на Груевски. Ги охрабрувам сите институции на системот и МВР да продолжат со оваа истрага и се надевам дека нема оваа магла што ја сејат Груевски и ВМРО-ДПМНЕ да ги спречи затоа што токму Груевски велеше дека вистината е како шило – истакна Жерновски.

Жерновски прес-конференцијата ја одржа на улицата Максим Горки.

– На оваа улица само за избори живеат лажните гласачи од Пустец. Не смееме да го заборавиме сето тоа што се случи, бидејќи во Центар гласачите мораа трипати да гласаат за да победат, а во другите делови на земјава тоа не можеше поради грубиот фалсификат. Оваа истрага мора да заврши со кривична пријава против онаа министерка што до вчера нè убедуваше дека работи според Уставот и законите и против нејзиниот наредбодавец кој нè убедуваше дека имал поддршка од народот – рече Жерновски.

Тој истакна дека добил писмо од специјалната обвинителка Катица Јанева, која го известила дека тие се надлежни да ја истражат неговата пријава за нападите врз него и во Општина Центар.

– Тој предмет наскоро ќе се најде пред Специјалното јавно обвинителство и тоа значи дека својата фантазија Груевски ќе може многу бргу да ја покаже во низа институции во земјава. Апелирам до судиите дека по независната истрага во МВР и во СЈО тие ќе мора да ја донесат одлуката. Само преку јасни и демократски процеси ќе може да се врати демократијата во земјава – порача Жерновски.