Македонија Жерновски: 100 деца од градинката „Кочо Рацин” на улица ако МТСП не...

Жерновски: 100 деца од градинката „Кочо Рацин” на улица ако МТСП не ги продолжи договорите

„Денеска упатив уште еден апел до Министерството за труд и социјална политика да ги продолжи договорите за 11 вработени за да не се случи близу 100 деца од новата градинка „Кочо Рацин“ да не можат да бидат згрижени“, напиша градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски, на својот профил на „Фејсбук“.

Тој додава дека на 11 вработени во новата градинка на 30 јуни им истекува договорот за вработување. Доколку не се продолжат договорите за нивно ангажирање, близу 100 деца ќе треба да останат на улица.

– Неколкупати пративме допис до Министерството, но немаме никаков одговор. Се надевам дека политиката нема да преовлада, туку разумот и грижата за децата – додава Жерновски во статусот.

Тој потсетува дека за згрижување на децата и за нормално функционирање на новата градинка „Кочо Рацин“, неопходно е да се продолжат договорите за ангажирање на шест негувателки, еден воспитувач, готвач, лекар и за двајца хигиеничари.