Македонија Женското лоби побара од Хојте да се избори за поголеми квоти

Женското лоби побара од Хојте да се избори за поголеми квоти

Одговарајќи на новинарско прашање како течат преговорите и дали денеска очекува работните групи на политичките партии да постигнат договор за изборните закони, белгискиот олеснувач Питер ван Хојте рече дека одговор на ова прашање ќе има или доцна вечерва или утре наутро.

Додека белгискиот олеснувач влегуваше во Клубот на пратеници, пред портата го застанаа десетина жени, претставнички на Македонско женско лоби. Тие од него побараа во изборната регулатива да се зголеми квотата на жени на сите нивоа.

– Овие документи кои му ги дадовме на Питер ван Хојте се изгласани од Европската унија и се од европското законодавство. Тој ни одговори дека документите ќе ги подели на преговарачите и дека ќе ја имаме неговата поддршка. Ни рече дека денеска ќе се зборува и за ова. Според веродостојни анкети, граѓаните немаат проблем да имаат жена за градоначалник, а верувам дека немаат ниту политичарите и тие тоа денеска ќе го докажат – изјави Даниела Димитриевска, извршна директорка на Македонско женско лоби.

Инаку, поголемиот дел од преговарачите веќе пристигнаа во Клубот на пратеници, а според изјавата на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, се очекува на преговорите да присуствуваат и лидерите на политичките партии.