Македонија Железничкиот сообраќај е ставен во функција, заврши штрајкот на машиновозачите

Железничкиот сообраќај е ставен во функција, заврши штрајкот на машиновозачите

Фото: Архива на „Мета“

Машиновозачите во Железници на РСМ-Транспорт го прекинаа штрајкот, откако постигнаа договор со раководството на железничкото транспортно претпријатие. Вториот дел од платата за јуни веќе им е исплатен, а до 15 август го очекуваат и првиот дел од платата за јули. Договорено е вториот дел од платата за претходниот месец да го добијат до 25 август, а доколку ова не се исполни, тие предупредија дека повторно ќе го активираат штрајкот.

Душко Чакаровски, претседател на Независниот синдикат на машинскиот персонал на Македонија објасни дека покрај редовна плата, имаат уште едно барање – да им се врати стариот процент за надоместок на квалитет. До јули процентот бил 30, а од јули се намалил на 20.

Штрајкот на машиновозачите започна вчера во 16 часот, што предизвика прекин во одвивањето на патничкиот и товарниот железнички сообраќај во земјава.