Економија Железничкиот превоз во прекин, штрајкуваат машиновозачите поради неисплатена плата

Железничкиот превоз во прекин, штрајкуваат машиновозачите поради неисплатена плата

Фото: Архива на „Мета“

Патничкиот и товарниот железнички сообраќај во земјава од утрово се во прекин. Штрајкуваат машиновозачите во Железници на РСМ-Транспорт поради неисплатен втор дел од нивната плата за септември. Патничките и товарните возови нема целосно да сообраќаат до добивањето на платата, информираат синдикалните претставници во железничкото претпријатие.

Инаку, Железници на РСМ-Транспорт е претпријатие во сопственост на државата кое има најголеми долгови во моментов. Поради нив, нормалното функционирање на железницата е отежнато, а штрајковите на железничкиот персонал во изминатиов период се чести поради неисплатените плати.

„Мета.мк“ пишуваше дека реформи во железничкиот сектор во земјава ќе се прават дури кон крајот на 2022 година, за кога е предвидено да се усвои пакетот од законски измени во железницата. Европската Комисија од земјава бара да се прекине монополот на државното претпријатие што го има во железничкиот превоз, додека македонската влада засега е со стратегијата да се направи преструктуирање на Железници на РСМ-Транспорт, по што би следел влез на приватни оператори по пругите во земјава.