Македонија Жбогар: СЈО е најдобрата алатка за да се одреди одговорноста од прислушуваните...

Жбогар: СЈО е најдобрата алатка за да се одреди одговорноста од прислушуваните разговори

„Специјалното јавно обвинителство е само една алатка, односно најдобрата алатка за да се одреди одговорноста или, пак, да се истражува одговорноста што произлегува од прислушуваните разговори. Ова е наш став и остануваме на него“, изјави денеска во Куманово евроамбасадорот Самуел Жбогар, притоа потсетувајќи ги политичките лидери дека СЈО произлегува од Договорот од Пржино и оти лидерите треба да си ги исполнат своите обврски.

Евроамбасадорот рече дека е во постојан контакт со партиите и оти тие се подготвуваат за изборите на 11 декември.

– Четворицата лидери уште во август утврдија дека се исполнети сите услови за одржување на изборите во декември. Јас сум во постојана комуникација со четирите политички лидери во врска со изборите и со прашањето за СЈО. Имам впечаток дека сите се подготвуваат за одржување на изборите. Ние, како ЕУ, се радуваме и со нетрпение очекуваме да се одржат изборите, тогаш кога се закажани. Тоа ќе биде можност земјата да се врати во нормала, да продолжи по својот европски пат и да ја продолжиме нашата соработка – рече Жбогар.