Македонија Зголемен бројот на мигранти во прифатниот центар во Гевгелија

Зголемен бројот на мигранти во прифатниот центар во Гевгелија

Бројот на мигрантите што преку Грција пристигнуваат во прифатно-транзитниот центар во Гевгелија денеска се зголеми во однос на изминатите два дена.

Според информацијата од Регионалниот центар за управување со кризи Гевгелија, изминатото деноноќие се пропуштале помали групи бегалци од Сирија и од Ирак, чијо број моментно изнесува 140.

Министерот за внатрешни работи на Македонија, Оливер Спасовски, при денешната посета на кампот потврди дека со грчките колеги се остварува добра соработка и оти пред некој ден имало состанок на директорско ниво заради договарање и координирање на соработката. На другата страна на граничната линија, денеска беше видливо и зголемено присуство на грчки полицајци, кои во поголем број пристигнале во кампот кај Идомени по инцидентот што се случи пред два дена.

Според процената на ЦУК и на невладините организации и активисти, на грчка територија на просторот меѓу Идомени и Поликастро се наоѓаат десетина илјади мигранти, кои со денови чекаат да ја минат границата поради строгите мерки за утврдување на идентитетот кај граничната кота 59.

Инаку, на потегот од граничната кота до гевгелискиот камп, припадниците на АРМ ги изведуваат завршните работи за оградување со жица на патеката долга 650 метри, по која мигрантите се упатуваат кон прифатниот центар во Гевгелија.