Свет Балкан Земјотрес во Србија: „Сè околу нас почна да се тресе“

Земјотрес во Србија: „Сè околу нас почна да се тресе“

„Земјотресите со таков интензитет можат да предизвикаат многу мали оштетувања на објектите во епицентралното подрачје“, наведуваат од српскиот Републички сеизмолошки завод

Мапа: EMSC, Твитер

Земјотрес со јачина од 3,6 степени според Рихтеровата скала денеска во 9 часот и 47 минути го погоди Петровац на Млава, соопшти српскиот Републички сеизмолошки завод, објави ТВ Н1.

Интензитетот во епицентарот е проценет на од V до VI од Меркалиевата скала.

„Земјотресите со таков интензитет можат да предизвикаат многу мали оштетувања на објектите во епицентралното подрачје“, наведуваат од Институтот.

По овој земјотрес следеа три помали – со јачина од 1,9, 2,6 и 2,3 степени според Рихтеровата скала.

Претходно, Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар (EMSC) соопшти дека епицентарот на земјотресот бил на 50 километри североисточно од Крагуевац и 35 километри североисточно од Јагодина.

Жителите на подрачјата погодени од земјотресот за медиумите сведочат што доживеале.

„Нешто пукна и се околу нас почна да се тресе, само излетавме“, изјави за Телеграф.рс А. М. од околината на Свилајнец, како било кога го почувствувала земјотресот.

Дека и вториот земјотрес бил силен сведочат и жители на Петровац на Млава.

„Овој земјотрес ме разбуди. Мама го држеше телевизорот да не падне“, вели друг жител на Петровац на Млава.