Дописници Земјоделците бараат да се брендира гравот тетовец

Земјоделците бараат да се брендира гравот тетовец

Гравот тетовец да биде брендиран, побараа денеска учесниците на традиционалната манифестација „Ден на гравот“, која по шести пат се одржа во Теарце.

Тетовските земјоделци велат дека се соочуваат со нелојална конкуренција. На пазарите се продава грав под името тетовски, а истиот е увезен претежно од Индија и од Пакистан и е далеку понеквалитетен.

Купувачите се одлучуваат за увезениот, кој е со многу пониски цени. Овој проблем се провлекува со години, а производителите на грав, поради намалената продажба, секоја година ги намалуваат површините засадени со препознатливата тетовска земјоделска култура.

– Сега со грав засадувам само 5 декари. Морам да ги намалам површините поради намалена продажба. Тетовскиот грав е поскап, а цената се движи до 200 денари. Увезениот грав, кој на купувачите им се нуди како тетовкси, се продава за 100 денари и, нормално, муштериите се одлучуваа за овој производ. Тетовскиот грав може да се заштити доколку се брендира, така ќе се намали злоупотребата на производот, а ќе се отворат и вратите за извоз – вели Сретко Анчески, производител на грав од Доброште, општина Теарце.

Од Општината велат дека прават напори да се брендира гравот тетовец, но засега, главно, се водат само разговори со владините преставници, за овој препознатлив тетовски производ да биде заштитен.

З.Д.