Македонија Зеленски: Шест милиони украински домаќинства сè уште се без струја

Зеленски: Шест милиони украински домаќинства сè уште се без струја

Шест милиони украински домаќинства сè уште се без струја, по масовните руски ракетни напади кои ја погодија земјата оваа недела, рече украинскиот претседател Володимир Зеленски и посочи дека милиони луѓе, во очи на зимата, и понатаму се без светлина, вода или топлина, а меѓу најтешко погодените се регионите Одеса на југ, Лвив на запад, како и градови во централна Украина.

„Од оваа вечер, прекините на струја продолжуваат во повеќето региони и во Киев. Многу жители во градот се без струја 20 или 30 часа“, рече Зеленски во своето видео обраќање.

Претседателот апелираше до сите кои во моментот имаат електрична енергија да штедат.

„Ако немате прекин на струја, тоа не значи дека проблемот е завршен. Ве молиме, ако имате струја, ова не значи дека можете да вклучите неколку моќни електрични апарати одеднаш. Мораме да ја издржиме оваа зима, зима која сите ќе ја паметат“, рече Зеленски.

Премиерот Денис Шмихал рече дека и покрај нападите, речиси целата важна инфраструктура во земјата е повторно поврзана, водоводните претпријатија, постројките за производство на топлина, болниците и службите за итни случаи. Сепак, обичните луѓе и понатаму се соочуваат со прекини на снабдувањето со енергија во сите региони на Украина. Шмихал вели дека постојат стравувања дека руското таргетирање на украинската инфраструктура, заедно со снегот и температурите под нулата, може да предизвикаат здравствена криза во земјата.