Хроника Зел 3.000 евра од бизнисмен, лажејќи дека е висок службеник во УЈП

Зел 3.000 евра од бизнисмен, лажејќи дека е висок службеник во УЈП

Дваесет и седумгодишен скопјанец е осомничен дека лажно претставувајќи се како вработен на висока позиција во Управата за јавни приходи(УЈП), успеал од сопственик на тетовска фирма да земе 3.000 евра, ветувајќи му дека, наводно, ќе му помогне да го намири долгот за ДДВ и за персонален данок на рати и со отпис на сумата за камата, соопштуваат од МВР.

Против Д.Т. (27), единицата за економски и компјутерски криминал при СВР Скопје до надлежното Основно јавно обвинителство поднела кривична пријава за измама.

Според МВР, осомничениот, на засега непознат начин, дознал дека сопственикот на фирмата поднел барање за одложено плаќање на даночните обврски во износ од 8,7 милиони денари, што по извршена инспекциска контрола му ги пресметала екипата на Регионалната дирекција на УЈП во Тетово, и на почетокот на минатиот месец телефонски му се јавил на бизнисменот.

„Пријавениот му се претставил дека наводно е вработен на висока позиција во Управа за јавни приходи Скопје, при Министерството за финансии, и побарал да остварат средба за да се договорат околу исплатата на долгот во однос на поднесеното барање од негова страна“, се наведува во соопштението од МВР.

На средба во кафуле во Скопје, Д.Т. на оштетениот му рекол дека го испраќа „шефот“ и дека ќе му помогне да го плати долгот на 48 рати, без камата. Тој за услугата побарал бизнисменот да му исплати 3.000 евра.

Сопственикот на фирмата на двапати му ја исплатил бараната сума, но почнал да се сомнева дека нешто не е во ред кога осомничениот му побарала уште 30.000 денари, а веќе поминале неколку недели и од договорената работа немало ништо.

Осомничениот бил уапсен минатата недела и кај него полицијата ги нашла парите, 30 банкноти од 1.000 денари што предходно биле криминалистичко-технички обработени.

Како што информираат од МВР, по извршените проверки, било утврдено дека осомничениот Д.Т. имал статус на невработено лице, а против него претходно биле поднесувани пријави за насилство, затајување, загрозување на безбедноста во сообраќајот и за измама.