Дописници Здружението „Богојавление“ ја откажа организацијата на манифестацијата Богојавление – Водици

Здружението „Богојавление“ ја откажа организацијата на манифестацијата Богојавление – Водици

Здружението „Богојавление“ се откажа од организацијата на свеченостите и на манифестациите поврзани со верскиот празник Водици – Богојавление. Иако ваквата одлука на здружението, на некој начин, беше очекувана, јавноста ја прими веста со големо изненадување бидејќи станува збор за манифестација што привлекува илјадници гости надвор од туристичката сезона и придонесува за афирмацијата на градот.

– Сакаме да ја информираме пошироката јавност за одлуката на здружението „Богојавление“ дека организацијата на манифестацијата за збогатување на верскиот празник Водици ѝ ја препуштаме на МПЦ, за што ја известивме Дебарско-кичевската епархија – соопштија од здружението.

Оттаму образложуваат дека манифестацијата и организациски и финансиски ги надминува можностите на здруженито, бидејќи истата од локален, прерасна најпрвин во национален, а потоа и во интернационален настан. Водици е голем православен празник кој припаѓа на црквата и на градот.

Од митрополијата на Дебарско-кичевската епархија во Охрид, велат дека не им придавале особено значење ниту на претходните шпекулации, ниту на конечната одлука на здружението.

– Дали oд „Богојавление“ ќе бидат организатори или не, тоа зависи од нив самите. Тие и така работат на своја рака. Во митрополијата не прашаа ниту кога се формираа – велат оттаму.

Според митрополијата, претставници на здружението кај надлежниот архиереј, митрополитот на Дебарско-кичевската епархија, владиката г. Тимотеј, доаѓале два-три дена пред самата манифестација, колку да информираат и формално да поканат.

Дека владиката Тимотеј и поединци од Здужението „Богојављение“ не се во добри односи, не е непозната работа. Самиот митрополит јавно го искажа своето незадоволство, обвинувајќи ги челниците од здружението дека го приватизирале настанот, а самиот чин на осветувањето на водите го комерцијализирале.

Верскиот празник Богојавление – Водици се одбележува на 19 јануари.