Македонија Заврши Европската фудбалска недела на Специјална олимпијада Македонија

Заврши Европската фудбалска недела на Специјална олимпијада Македонија

Извор на фотографија: Специјална олимпијада Македонија

На фудбалскиот терен на фудбалскиот клуб Вардар во Скопје, во присуство на повеќе од 70 атлети и 40 тренери, волонтери и членови на семејствата од Скопје, Тетово, Штип и Струмица, вчера заврши одбележувањето на Европска фудбалска недела на Специјална олимпијада Македонија, која се одбележува по 22-ри пат на ниво на Европа.

Европската фудбалска недела 2022 е иницијатива на Специјална олимпијада, која по две години пауза поради ковид пандемијата, повторно ги врати атлетите на терен, со цел да го искусат задоволството на фудбалот и инклузивното спортување.

„Подавање на фудбалската топка, голови, гласно навивање и радост на терен ја карактеризираат оваа Европска фудбалска недела на Специјална олимпијада Македонија. По две години пауза, успеавме да ги вратиме нашите атлети на активен спорт, и со нив и фудбалерите на ФК Вардар да ја прикажеме моќта на Јунифајд фудбалот и спортувањето. Благодарност до сите поддржувачи кои ни овозможуваат да ги реализираме активностите на Специјална олимпијада Македонија во континуитет“, вели Драган Караџовски, национален директор на Специјална олимпијада Македонија.

Покрај полигонот и фудбалските мечеви меѓу атлетите на фудбалерите на ФК Вардар, во рамки на Европската фудбалска недела беше одржана и работилница за Јунифајд концепт на спортување, кој е една од алатките за социјалната инклузија.

Според истражувањето кое беше спроведено меѓу присутните на работилницата, во организациите и клубовите каде тие работат може да се спроведе Јунифајд спорт, во кошарка, фудбал, пливање и атлетика.

Реализацијата на активностите на Специјална олимпијада Македонија беше поддржана со институционален грант на Цивика Мобилитас.

Специјална олимпијада Македoнија во земјава е формирана во 2003 година под акредитација на Специјална олимпијада, која е основана од Јунис Кенеди Шрајвер во 1968 година и денес брои 6 милиони атлети и јунифајд партнери во 190 земји ширум светот. Под мотото „Дозволи ми да победам, а ако не можам, дозволи ми да бидам храбар во обидот“ организацијата во земјата ја остварува својата мисија, а тоа е да овозможи спортски натпревари и тренинзи во различни олимписки спортови за деца и возрасни со интелектуална попреченост.