Дописници „Завод и музеј“ ќе реставрира уште 10 објекти во Охрид и во...

„Завод и музеј“ ќе реставрира уште 10 објекти во Охрид и во Струга

Националната установа „Завод за заштита на спомениците и музеј“ од Охрид работи на елаборати за ревалоризација на 10 објекти од профана архитектура на територијата на општините Охрид и Струга.

Станува збор за конзерваторско-реставраторски зафат на ѕидовите од подградието на Самоиловата тврдина, во секторот 4, кој е во втора фаза, потоа конзервација и реставрација на камбанарија од манастирскиот комплекс „Св. Богородица Перивлепта“ и конзервација и санација на sидните платна од летната сцена Долни Сарај во Охрид, во втора фаза.

Меѓу позначајните активности за годинава е изработка на проект за конзервација и за ревитализација на стара воденица во селото Велмеј, што ќе внесе нови содржини во руралниот туризам.

Превентивни заштитни интервенции ќе се извршат на апсидата и на источниот ѕид од пештерната црква „Св. Архангел Михаил“ во село Радожда, кај Струга.

„Завод и музеј“, годинава, ќе реализира конзерваторско-реставраторски работи на живописот од црквата „Св. Богородица Захумска“ во селото Трпејца. Потоа ќе се врши теренско истражување на археолошкиот локалитет Раица – Манастириште, во селото Љубаништа, како и реставрирање на фасадите на куќите од неколку познати стари охридски фамилии.

Ќе се подготвуваат елаборати за ревалоризација на збирка од археолошки предмети од праисторија и осовременување на просторот во Куќата на Робевци во Охрид.