Македонија Заштита на границите на Македонија и на Србија побара Курц

Заштита на границите на Македонија и на Србија побара Курц

Министерот за надворешни работи на Австрија, Себастијан Курц, побара заштита на границите со Македонија и со Србија за да се заштити шенген-зоната.

Шефот на австриската дипломатија, пред неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ, истакна дека сè додека обезбедувањето на грчко-турската граница не функционира, треба да се соработува со Македонија, Србија и со другите земји за да се обезбеди шенген-просторот.

Курц смета дека се потребни три варијанти на можни соработки, односно најмала би била билатерална, средна е здружување на одредени земји, а најголема е европска соработка.

– Во Шведска и во Словенија постои слично расположение како и во Австрија и интерес за таква соработка – рече Курц, додавајќи дека запирањето на мигрантите пред границата на Австрија е во интерес на земјата.

Австрискиот прв дипломат рече дека Турција досега не ги исполнила очекувањата во врска со намалување на бројот на бегалци.

– Мораме уште сега да водиме паралелни разговори со Македонија и со Србија –нагласи Курц, додавајќи дека ако нема решение на грчко-турската граница мора да се пронајде солуција на друга граница.